Ново признание за Дувњак: Најдобар екс-ју ракометар за 2020 година

Хрватскиот среден бек, Домагој Дувњак е најдобар ракометар на просторите на поранешна Југославија за 2020 година. Во изборот на специјализираниот медиум „Balkan-handball“, ракометарот на Кил собра најголем број гласови, победувајќи ги Карачиќ и Ненадиќ. За Дувњак ова е второ признание во овој избор, седум години по првиот.

Годинава Дувњак ги доби сите можни инвидуални признанија. Откако беше најкорисен ракометар на Европското првенство во Австрија, Норвешка и Шведска, а доби и признание за импресивната сезона со „зебрите“ од Кил во Бундеслигата. Во изборот во кој учествуваа тренерите и спортските директори на бундеслигашите, како и фановите, Дувњак признанието го доби во конкуренција на Мортен Олсен од Хановер, Никлас Ландин од Кил и Хендрик Пекелер, исто така член на Кил. 

Македонски ракометари не се најдоа во изборот за 2020 година. Во последните три сезони оваа награда ја освојуваа Кавтичник, Буриќ и Циндриќ.