Ново откажување: Брестовац остана и без Кукоски против Грција (ВИДЕО)

Македонската ракометна репрезентација синоќа го потврди своето учество на нов континентален собир, откако со победата на гости кај Турција си обезбеди петто учество во низа на Европските првенства. 

Но, квалификациската битка не е завршена. Нашите момци в недела ќе се сретнат со  Грција, а овој дуел е од големо значење. Со евентуална победа или реми, квалификациската група ќе ја завршиме на првата позиција, што ни носи место во вториот барабан во ждрепката за ЕП. 

Но, за натпреварот во Струмица селекторот Данило Брестовац се соочува со сериозни проблеми. Веќе е познато дека поради оперативен зафат, кој му беше извршен утринава, без настап ќе остане Стојанче Стоилов, а од вчерашната борба против Турците, најдебелиот крај го извлече дефанзивецот Милорад Кукоски. 

Членот на вицешампионот Еурофарм Работник на стартот од вториот дел доби незгоден удар во десната слабина и по денешните прегледи констатирано е дека не е во можност да им помогне на своите соиграчи за неделниот меч. 

Дуелот против Грција се игра во салата „Парк“ во Струмица со почеток од 18:00 часот.