• Зоран Мишевски

Црногорското лево крило Милош Вујовиќ ќе го напушти Гумерсбах на крајот од тековната сезона. Замената е исландскиот репрезентативец Ори Торкелсон, кој од следната сезона ќе го носи дресот на Гумерсбах. 27-годишното лево крило пристигнува од Спортинг Лисабон и потпиша договор до 2029 година за тимот кој го води сонародникот Гудјон Валур Сигурдсон. Гумерсбах е противник на Еурофарм Пелистер во групната фаза на Европската лига.
Ори Торкелсон ја започна ракометната кариера во татковината, во екипата Хаукар Хафнарфјордур. По две години поминати во норвешкиот Елверум, од 2021 до 2023 година, го засили Спортинг Лисабон.
За сениорската репрезентација на Исланд дебитираше во 2020 година против Литванија. Крилото во меѓувреме стана стандарден член на националниот тим, со кој настапуваше и на Светското првенство 2025 и Европското првенство 2026 година.




