Ново големо признание на Костески во Австрија – избран за најдобро десно крило

Екипата на Линц не ги реализира посакуваните резултати оваа сезона во првата ракометна лига во Австрија, но нашиот интернационалец Никола Костески блеска со своите игри.

Поранешниот македонски репрезентативец е еден од најдобрите стрелци на својот тим, а неговите фантастични настапи му донесоа ново индивидуално признание. Името на Костески се најде во „дрим-тимот“ на квалификационата рунда на Спусу лигата, односно нашиот ракометар е избран за најдобро десно крило. 

28-годишниот стружанец речиси на секој натпревар на Линц е меѓу најдобрите ракометари и стрелци во својот тим, а пред извесен период на натпреварот против Грац се надмина себеси и постигна рекордни ДВАНАЕСЕТ гола на еден натпревар.

И покрај тоа што квалификационата рунда на Спусу лигата Линц ја заврши на последната позиција на табелата, и во следната сезона ќе се натпреварува во елитата, затоа што Ракометната федерација на Австрија донесе одлука оваа сезона ниту една екипа од Првата лига да не испадне.