Новитети во ракометната ЛШ: Клупски ранкинг, освојувачот на ЕЛ во елитата...

Европската ракометна федерација (ЕХФ) донесе низа важни одлуки поврзани со натпреварувачката рамка за сезоната 2026/27 во европските клупски натпреварувања, со акцент на модернизација и поголема транспарентност.

Најзначајната новина е воведувањето на клупско рангирање и во машка и во женска конкуренција. Овој систем ќе се базира на резултатите на клубовите во европските натпреварувања во последните три сезони и ќе се користи за носителство при ждрепките во турнирите, со исклучок на ЕХФ Европскиот куп. Важно е да се нагласи дека рангирањето нема да влијае врз самата квалификација за учество.

Истовремено, ЕХФ ги ажурира критериумите за доделување места во Лигата на шампионите. Основните барања поврзани со инфраструктурата, телевизиските стандарди и посетеноста остануваат непроменети, но се воведуваат нови параметри. Новото клупско рангирање ќе го замени досегашниот критериум за резултати во минатите натпреварувања, додека медиумските активности и дигиталното присуство ќе се оценуваат одвоено од управувањето. Дополнително, воведена е нова категорија „хaјлајт настан“, преку која клубовите ќе можат да презентираат концепти за организација на специјални натпревари со зголемена комерцијална и промотивна вредност.

Во однос на учеството во Лигата на шампиони, потврдено е дека освојувачот на изданието 2025/26 ќе има загарантирано место во следната сезона, без разлика на пласманот во домашното првенство. Истото важи и за победникот на ЕХФ Европската лига дури и ако не е на позицијата во лигата која носи во ЛШ, но под одредени услови, доколку шампионот на ЛШ доаѓа од друга федерација или заврши меѓу првите две екипи во својата домашна лига.

Останува на сила ограничувањето од максимум три клуба по федерација во Лигата на шампиони, а сите учесници ќе мора да ги исполнуваат минималните организациски и технички стандарди.