• Сашо Поповски

Новото засилување на Вардар, Анте Кудуз, се соочува со големи проблеми на крајот од тековниот договор со Динамо Букурешт.
Хрватот, кој важи за еден од најдобрите ракометари во редовите на романскиот тим, вторпат сезонава остана на улица. Тоа се случува бидејќи клубот навремено не ги подмирил сметките за неговиот стан.
„Поради однесувањето на една личност, која не ги исполни своите договорни обврски кон мене, по вторпат оваа сезона, бев исфрлен од станот во кој живеам. Причината е неплаќање на закупнина, што клубот е должен со договор да ја плати. Првиот пат ме истераа од станот во август 2020 година. Тогаш, искрено мислев дека е недоразбирање. Но, кога се случи повторно, пред неколку дена (20 април 2021 година), на денот на натпреварот со Констанца, сфатив дека тоа не е случајно.
Иако веднаш им кажав на сите во клубот дека сум повторно на улица, никој не реагираше до денес. Јас секогаш давав сè на теренот за Динамо и мислам дека не го заслужувам овој третман од еден човек во клубот“, се пожали хрватскиот ракометар на Фејсбук.
25-годишникот се обврза на двегодишен договор со вардарци, кој ќе го задржи во Скопје до летото 2023 година.