• Редакција Gol.mk

По примерот на машката Суперлига, и ракометарките, од следната сезона ќе разигруваат за титула и за опстанок. Тоа е главната новина која се однесува за женските ракометни клубови од седницата на Управниот одбор на Ракометната федерација на Македонија (РФМ).
Пред неколку недели беше предложен нов систем на натпреварување во првенството, кој вчера беше само верификуван. И сезоната 2024/25 ќе брои четиринаесет клуба, но по одигрувањето на редовните 26 кола, ќе следи плеј-оф и плеј-аут.
Првите шест екипи на табелата по регуларниот дел ќе играат плеј-оф и ќе пренесат бодови по следниот систем: Првопласираниот тим ќе пренесе три, второ и третопласираните по два, четврто и петтопласираниот по еден бод, а шестиот во регуларниот дел ќе стартува без бодови. По систем секој со секого ќе се играат десет кола во плеј-офот.
Нешто поинаков за разлика од машкиот, ќе биде организиран женскиот плеј-аут. Осумте екипи кои ќе се борат за опстанок ќе бидат поделени во две групи и тоа според пламанот во регуларниот дел. Ќе се играат шест кола во плеј-аутот, а победниците на групите ќе се сретнат во бараж натпревар. Лигата ја напуштаат двете најслаби екипи во плеј-аутот.
За победа во следната сезона ќе се добиваат два наместо досегашните три бода, ремито ќе носи по бод, а поразот не се бодува.