Нови проблеми за Вардар: Горбок и Шишкарев од Русија се враќаат повредени

Големите проблеми на Вардар и Роберто Гарсија Парондо со повредите речиси да немаат крај, откако утрово од Русија пристигна нова разочарувачка вест за „црвени-црните“. 

Рускиот селектор Едуард Кокшаров потврди дека за вториот дуел со Унгарија најверојатно нема да смета на вардаровите ѕвезди Данил Шишкарев и Сергеј Горбок, кои се пожалиле на повреди. 

„Да, Сергеј Горбок и Данил Шишкарев заработија повреди на натпреварот со Унгарија. Во овој момент навистина не можам да ви кажам дали ќе сметаме на нивните услуги на следниот дуел. Медицинскиот тим работи на санирање на нивните повреди, па ќе видиме времето што ќе донесе“, изјави Кокшаров.

Доколку повредите на Горбок и Шишкарев се посериозни, тоа ќе значи голем удар за Вардар во пресрет на четвртфиналето во Лигата на шампионите против ПИК Сегед, бидејќи надвор од стројот е и Кристијан Дисингер.