Нови позитивни случаи во Еурофарм Пелистер 2, сите се чувствуваат добро и немаат симптоми

Екипата на Еурофарм Пелистер 2 доби нови лоши вести поврзани со коронавирусот во своите редови. Откако пред два дена беа констатирани два случаи, вчерашното тестирање донесе нови позитивни резултати и во овој момент четворица ракометари на тимот се заразени со новиот вирус. 

Од редовите на битолскиот суперлигаш информираат дека заразените ракометари се во изолација и се чувствуваат добро, а по новото тестирање ќе се знае дали тимот ќе се врати во тренажен процес или не.

„Откако пред два дена беа констатирани симптоми кај двајца ракометари, РК Еурофарм Пелистер 2 ги тестираше сите членови на клубот на ПСР тест на ковид-19. По дополнителните тестирања позитивни тестови има кај уште двајца ракометари. Во овој момент четворица ракометари на Еурофарм Пелистер 2 се позитивни на коронавирус, немаат симптоми и добро се чувствуваат.

По наредното тестирање на останатите членови на екипата, стручниот, медицинскиот и административниот тим, ако сите тестови се негативни, тимот ќе се врати во тренажен процес“, соопштуваат од битолскиот клуб.

Еурофарм Пелистер 2 одигра четири натпревари во Суперлигата, група Б и запиша две победи и два порази.