Новата данска ракометна ѕвезда не сонува за ПСЖ и Барса, туку за ВАРДАР!

Данска има нова ракометна ѕвезда, во името на 19-годишниот Симон Питлик од редовите на ГОГ Гудме. Левиот бек кој е син на стратегот Јан Питлик не сонува за трансфер во Барселона или ПСЖ, туку желбата му е Балканот.

Тинејџерот вели дека таквата желба му се родила откако во 2015 година го гледал Вардар, кога неговиот татко бил тренер во редовите на женскиот ракометен клуб.

„Бев долу (во Македонија н.з) и ги гледав нив (Вардар н.з) како играат. Бев премногу импресиониран од атмосферата и од начинот на нивниот ракомет. Го доживеав тоа како дете, а оттогаш ми е голем сон да заиграм таму. Тоа е нешто за кое размислував долго. Додека некои сонуваат да одат во Франција, Шпанија, Германија... јас сонувам да заиграм на Балканот за неколку години“, изјави Питлик „јуниор“.

Младиот ракометар важи за голем потенцијал на левата бековска позиција. Своите квалитети тој ги покажа и пред очите на македонската публика, кога настапи на Светското првенство за кадети.