Нова жешка шлаканица за Вујо: Вардар загуби и од Загреб во ЛШ!

Македонскиот ракометен првак Вардар 1961 уште еднаш ги шокира своите навивачи. Иако водеше со три гола, тимот не успеа да победи на гостувањето кај ППД Загреб (23-22) и во рамките на Лигата на шампионите го доживеа седмиот пораз во низа.

Седмиот неуспех во низа на Вардар му ја загрози иднината во ракометната елита. Сега, тимот падна на седмото место, додека ППД Загреб скокна на шестата позиција, која е последна која води во осминафиналето. За тоа последно место кое носи нокаут-фаза сега до крајот ќе се борат три тима, покрај Вардар и Загреб, во игра ќе биде и ПИК Сегед.

Вардарци влегоа во натпреварот слабо и четири минути чекаа на првиот гол. Мразот го скрши Филип Талески, резултатот потоа беше 5-2, а приклучок се фати по еден тајм-аут, кога се влезе во серија и во 15. минута резултатот гласеше 6-8 за македонскиот претставник. Се играше неизвесно во понатамошниот дел од натпреваротт, двете екипи си го предаваа водството, а иако вардарци имаа 9-11 во еден момент, ППД Загреб се врати, изедначи на 11-11, па предноста ја презеде пред крајот на првиот дел кога со гол на Чупиќ дојдоа до 14-12.

Стартот на вториот дел му припадна на Вардар, кој со два брзи гола изедначи на 14-14. Потоа, од 16-15 за домашните, избраниците на Веселин Вујовиќ дојдоа до 16-18, предност од три гола која се задржа во следните неколку минути. На петнаесет минути пред крај, ППД Загреб се врати на минус еден (17-18), но Дарко Ѓукиќ со нов гол и 3/3 на натпреварот за првпат донесе плус три за гостинот (18-21) на осум минути пред финишот. Но, ППД Загреб не се откажа така лесно, со нови два гола во серија дојде на 20-21, потоа, по промашување на Гаџа дојде и до позиција да напаѓа за реми, кое го донесе Вистороп (21-21).

Во последните пет минути голем хендикеп за вардарци беше третото исклучување за Жереми Тото што значеше и црвен картон. Но, ППД Загреб остана и без Сандро Обрановиќ кој при еден доскок згазна лошо и тешко го повреди зглобот. И покрај тоа, Вардар не реализира напад преку Гаџа, на спротивната страна следеше казна од Срна, за враќање на предноста на контото на Загреб (23-22) на 120 секунди пред крај. Во следната минута немаше гол и на двете страни, а кога мораше да се реализира, Талески при предавањето на топката направи грешка, но за среќа и загрепчани погрешија. Имаше уште 23 секунди до крај, Вардар го имаше последниот збор, ама не реализира.

Најдобар кај стрелците кај победникот беше Иван Чупиќ со пет гола, пред Давид Мандиќ со четири, додека кај вардарци Жереми Тото и Тимур Дибиров стрелаа по четири пати, пред Дарко Ѓукиќ кој реализира трипати.