• Горан Упале
Македонските арбитри Димитар Митревски и Благојче Тодоровски добија уште една задача од Европската ракометна федерација, откако се делегирани да го судат натпреварот од Лигата на шампионите помеѓу Колштад и Киелце.
Натпреварот ќе се одигра на 12 март во Норвешка, како дел од 13. коло, последно во групната фаза. Домашниот тим во моментов се наоѓа на претпоследната позиција на табелата и е без шанси за плеј-оф, додека Киелце го зазема четвртото место.
Ден претходно, македонскиот шампион Еурофарм Пелистер ќе гостува кај моќната Барселона, а ЕХФ одреди исландски судии за оваа пресметка. Правдата во Каталонија ќе ја делат Свавар Петурсон и Сигурдур Трастарсон. Натпреварот меѓу Барселона и Еурофарм Пелистер се игра на 11 март со почеток од 20:45 часот.







