Нова тренинг победа на лидерот, Вардар лесно го освои Кавадарци

Ракометарите на Вардар 1961 извојуваа уште една рутинска победа во домашниот шампионат. По триумфот против Охрид пред само два дена, денеска најтрофејниот не виде мака на гостувањето кај Тиквеш во Кавадарци и го продолжи максималниот учинок во плеј-офот.  Натпреварот во салата „Јасмин“ заврши со триумф на „црвено-црните“ од 24-35.

  • Комплетниот натпревар:

Избраниците на Иван Чупиќ својата задача ја завршија уште во првото полувреме. Беа немилосрдни во напад, ги казнуваа сите грешки на домаќинот и на пауза заминаа со убедливи 11-17. Новото засилување Воркапиќ беше на ниво во првите триесет минути, постигнувајќи шест гола, а два помалку имаше десниот бек Митровиќ. Кај домашниот тим расположен беше само Стојановски со шест гола. 

Вардарци во вториот дел тргнаа уште посилно, со серија од 6-0 побегнаа на двоцифрена предност и потоа рутински ја доиграа средбата. На крај вардарци славеа со 24-35 и го запишаа четвртиот триумф во разигрувањето за титулата.

Најпрецизен во таборот на гостите беше Митровиќ со осум гола, седум постигна Воркапиќ, а Малус и Јанковски броеја до четири. Кај Тиквеш прв стрелец беше Стојановски со единаесет погодоци.