Нова победа за Голден Арт, го „преслуша“ и Астраион во Скопје

Ракометарите на Голден Арт дојдоа до убедлив триумф над Астраион Хендбол од 42-26 (23-10), во рамките на 13. коло на Првата лига на Македонија. Избраниците на Никола Матлиески без потешкотии се справија со гостинот од Струмица, па во СЦ „Јане Сандански“ на успешен начин ја завршија годината. 

  • Комплетниот натпревар меѓу Голден Арт и Астраион Хендбол:

Единствениот прволигашки натпревар вечерва тргна сигурно за фаворитот. Голден Арт не си дозволи грешка, уште од стартот убедливо поведе и ја најави победата. Веќе до полувремето домашните ракометари водеа двоцифрено, па на пауза заминаа со убедливи 23-10.

Во продолжението, Астраион немаше сили за резултатско враќање. Домашниот тим играше сигурно, па предноста дополнително растеше. Највисокото водство на Голден Арт беше 19 гола предност во самата завршница, за крајно убедливо славје (42-26). 

На овој натпревар одличен беше Никола Димитров во победничкиот табор со девет реализации, додека му помогнаа Гајиќ и Пасковски со по шест, колку што дадоа Котевски, Ончев и Стојанов од Астраион. 

Голден Арт ќе ја заврши годината како второпласиран, со едно реми против Алкалоид и пораз од Јуниор Кисела Вода.