• Мартин Танасковски
Алкалоид продолжи со добрите игри во Европскиот Куп на ЕХФ и впиша нова победа! Тимот славеше во првото полуфинално соочување со Рунар Сандефјорд (42-37) и на гостински терен со плус од пет гола ќе брка европско финале. За Алкалоид, ова е осма европска победа во деветтиот одигран дуел во третото натпреварување на европскиот ракомет.
Натпреварот меѓу двата тима тргна со просекот на голови на двата тима, меѓутоа имаше и повеќе загубени топки на двете страни. Рунар беше во мал плус, во еден момент имаше плус два, беше 1-3, потоа 2-4, но Алкалоид со цврста одбрана украде две топки, па успеа да израмни на 5-5 преку контри.
Се играше израмнето, се до 11-11, кога Џонов влезе во ритам и ги реши нападите на Алкалоид. Од крилна позиција даде два гола, прво за прво водство од 12-11, а потоа и уште еден гол за 14-12. Алкалоид потоа поведе и со плус три (16-13), имаше напад и за плус четири, кој не го реализира, па падна на психолошки план и брзите Норвежани тоа го казнија.
До полувремето Рунар се врати на пристојна негатива, па на пауза се замина со ефикасни 41 гол и вкупен резултат 21-20 за Алкалоид. Вториот дел му припадна на брзиот гостин од Норвешка кој ги казни сите грешки на македонскиот тим во нападот. Заради проблемите на избраниците на Лазаров, Рунар го сврти мечот на 27-29, но со серија од три гола и добра одбрана, Алкалоид се врати на 30-29.
И домашните не застанаа тука, имаа две брзи контри, за 33-31 на 15 минути пред крајот на дуелот во Автокоманда. Потоа беше и 36-32, па 38-34 на пет минути пред финишот, позитива која македонскиот претставник во ниту еден наврат не ја испушти до крајот.
Најдобар стрелец кај Алкалоид на овој дуел беше Мартин Серафимов со десет гола, а го следеше Иван Џонов со седум гола. Кај Рунар, се истакна Рамбо со 11 гола, пред Кнутсен со седум постигнати гола. Реваншот меѓу Алкалоид и Рунар Сандефјорд е на 27 април од 17:00 часот во Норвешка. Таму е назначена двојката Франческо Симоне и Пјетро Монитиљо, а делегат е Хлинир Леифсон од Исланд.