Спектакуларна победа на Романија во Скопје, Шпанија поразена во драматична завршница

Ракометната селекција на Романија ги освои првите бодови во групата 2 од Европското првенство, откако во Скопје со минимални 28-27 ја совлада репрезентацијата на Шпанија.

Романките, осоколени по победата над Македонија во последното коло од првата групна фаза на шампионатот, имаа одличен старт на натпреварот во Скопје. Шпанија ја имаше улогата на благ фаворит за двата бода, но наиде на разигран и мотивиран противник, кој знаеше што сака. Во првиот дел токму Романија беше селекцијата која што ја имаша контролата на паркетот. Шпанија беше во позиција да брка негатива, неколку пати и три гола, но на полувреме се избори за минус од само еден гол.

Романија беше подобра и на стартот од вториот дел и ја врати позитивата од три гола, но Шпанија повторно најде начин како да возврати и за првпат поведе на натпреварот (22-23). Сепак, во драматичната завршница подобро се снајде Романија, која со погодокот од речиси половина терен на Базалиу се избори за голема победа од 28-27.

Пинтеа со седум и Неагу со пет гола беа најзаслужни за големиот триумф на Романките, додека на спротивната страна по четири погодоци постигнаа Гутиерез и Гонзалез.