Нов предизвик за ветеранот: Митков потпиша двегодишен договор со Брегенц

Поранешниот македонски репрезентативец Влатко Митков ниту при крајот на четвртата деценија од животот не помислува да му каже збогум на ракометот. Поранешниот десен бек на Пелистер потпиша за Брегенц, и од лето ќе игра за трет австриски клуб во неговата кариера по Барнбах и Кремс за кој настапува во моментов.

Митков досега постигна 861 гол во шест сезони во австрискиот шампионат за двата досегашни клуба, а ако продолжи во ист стил, брзо ќе стигне и до „илјадарката“. Тој потпиша двегодишен договор со Брегенц, а оттаму очекуваат да ја преземе лидерската улога.

„Влатко е одличен ракометар и пример за сите млади ракометари. Сигурни сме дека брзо ќе ја преземе лидерската улога во нашиот клуб“, изјавија од Брегенц на промоцијата.

Претходно Митков беше дел од тимот на Пелистер, со кој го направи најголемиот успех на клубот, финале во Челинџ Купот против Скјерн, пред да да се пресели во Германија, каде играше за Хам, Вилштат, Вецлар и Балинген.