Нов клуб во женскиот мак-ракомет: Големи имиња го формираа ЖРК Атлетик

Женскиот македонски ракомет добива нов клуб, затоа што формиран е тимот на ЖРК Атлетик кој ќе се натпреварува во шампионатот во следната сезона.

Клубот ќе има за цел да игра водечка улога во развојот на младите талентирани ракометарки во Македонија. Преку соодветни и правилни тренинзи, модерни методи и однапред дефинирана програма на функционирање, клубот се стреми да биде расадник на голем број идни репрезентативки на нашата држава.

Со вклучување на млади и амбициозни поранешни репрезентативци, а сегашни ракометни работници, од клубот велат дека ќе создадат здрава средина на вистински спортски вредности, без фаворизација, со еднаква можност за докажување на теренот и надвор од него.

Претседател на клубот ќе биде Горан Стојков, додека за потпретседател е назначен Дејан Блажески. Извршен директор е Ана Стојков, спортски директор е Инна Суслина, овој тандем е познат од шампионскиот ЖРК Вардар. Оперативен менаџер е Михаела Митреска.

„Со големо задоволство ви го најавуваме проектот кој го смисливме со многу голема љубов и желба, проект за кој веруваме дека ќе биде нешто посебно во женскиот ракомет, клуб на кој сите ќе бидеме горди. Стекнатото искуството во европскиот женски ракомет преку најелитното натпреварување во Европа, ЕХФ Лигата на шампиони во годините наназад заедно со нашиот стручен тим на клубот ќе ни овозможи полесно да ги оствариме зацртаните цели со исклучиво наши македонски играчи. Целта е јасна, преку сите овозможени услови за работа да се создадат врвни ракометарки со кои достоинствено ќе ја претставуваме Македонија на европската сцена“, вели Ана Стојков во име на менаџментот.

Главен тренер на екипата ќе биде Татјана Хмирова, некогашната руска репрезентативка и ракометарка на ЖРК Вардар, асистент ќе ѝ биде Ивана Велковска, инаку поранешна македонска ракометарка.

„Пресреќна сум што сум дел од овој прекрасен нов проект ЖРК Атлетик, клуб со позитивна и перспективна иднина и прекрасни луѓе. Мислам дека имаме одличен тренерски колектив со свежи идеи и мисли, подготвен да даде 200% од себе. Нè очекува многу работа, со нетрпение го очекувам почетокот на сезоната“, изјави Хмирова.

Тренер на голмани е славната македонска голманка Тања Андреева, а кондициски тренер е екс-репрезентативецот Дејан Пецаковски. За фитнес-тренер назначена е Марија Дурљанова, физиотерапевт е Нина Димовска, а спортски психолог е Кирил Насков.