Норвешка рутински ја реши Унгарија и се израмни на врвот со Словенија

Ракометарите на Норвешка славеа убедливо во дуелот против Унгарија со 36-29 (20-12), во првото коло од главната рунда на Европското првенство. Скандинавците уште во првиот дел од средбата во „Малме Арена“ најавија дека победата е импратив и ја оправдаа фаворитската улога. 

Норвежаните отворија фуриозно и по само пет минути водеа со 4-0, но не застанаа на нив. Тие стрелаа од сите позиции и за кратко дојдоа до 8-1. Унгарците не успеваа да се соземат од стартниот шок, а Гулеруд прв пат погоди за плус десет. До полувремето водечката екипа како да подзастана и дозволи противникот да постигне неколку голови, но на пауза отидоа со 20-12.

На стартот на продолжението голем пех за Унгарија беше црвениот картон за Банхиди. Додека не типично за нив, норвешките ракометари се опуштија и по десет минути игра во вториот дел предноста беше преполовена.

Сепак следеа две промашувања и Норвешка се врати на плус шест преку Јондал. Веќе во наредните минути сепак Скандинавците го решија дуелот враќајќи се на недостижни девет голови предност. 

Најпрецизен играч на средбата беше Сандер Сагосен со седум погодоци, додека кај Унгарија по пет дадоа Лигетвар и Наѓ. Меѓу стативите по шест интервенции имаа Бергеруд и Жекели.