Норвешка пукаше од сите страни на последниот тест пред четвртфиналето

Женската ракометна репрезентација на Норвешка забележа триумф над Германија (30-18) во последниот дуел од групната фаза на Летните Олимписки Игри (ЛОИ) во Париз и со четири победи ја заврши групата.

Норвежанките со овој триумф во последната рунда го заверија второто место, додека Германките ќе чекаат на мечот меѓу Јужна Кореја и Данска за да знаат дали ќе одат понатаму на големиот спортски настан или не.

Скандинавската селекција држеше час по ракомет уште од самиот почеток, а дека ќе оди на победа беше јасно уште на полувремето кога беше 14-8. Сите ракометарки настапија на овој дуел и интересно, сите дадоа гол, освен двете голманки Лунде и Солберг-Остхасел.

Најдобра кај Норвешка беше Рајштад со осум гола, пред Офтедал која погоди трипати, додека кај Германија, Болк, Дол и Лојхтер имаа по три реализации.

ФОТО: IHF