Норвешка пресилна за „кариоките“, победничко враќање на Карабатиќ

Машкиот ракометен турнир на Летните Олимписки Игри започна со очекувани победи на фаворитите. Во рамките на групата А, селекцијата на Норвешка, која на последните големи приредби редовно е освојувач на медал, ја надигра репрезентацијата на Бразил со 27-24 (12-13).

Момците на Берге го скршија отпорот на „кариоките“ во вториот дел, особено по серијата технички грешки на противникот. Во последните десетина минути и норвешкиот голман Бергеруд се разбрани и не дозволи враќање на противникот во драматичен финиш. Сагосен со осум и Раинканд и Мирол со по четири гола беа најефикасни кај победничкиот состав, а Лангаро со пет погодоци беше најефикасен Бразилец. Поранешниот вардарец Мораеш постигна три погодоци. Црвен картон во поразениот состав доби Боргес.

Икусната француска репрезентација ги впиша првите бодови со победата над Аргентина со 33-27 (12-10). Мелвин Ричардсон со седум гола беше прво име на натпреварот, а го следеа Ремили, Фабрегас и Дескат со по четири гола. Во тимот на Каденас се истакна Диего Симоне со осум погодоци.

Радува враќањето на Никола Карабатиќ, кој доби добра минутажа од Гијом Жил и постигна три гола.

Во најдраматичниот натпревар, светскиот вицешампион Шведска во последните десетина минути направи комплетен пресврт и го совлада Бахреин со 32-31 (16-18). Јунак на шведската селекција беше голманот Паличка, кој со звукот на сирената го одбрани пеналот на Ахмед и ја сочува предноста и победата.

Ване со тринаесет и Лагергрин со пет погодоци беа најефикасни кај „трите круни“, а во селекцијата на Бахреин, водена од Исланѓанецот Кристјансон, Ахмед постигна шест погодоци.