Норвешка победи за несреќниот Род и е на чекор до полуфинале на ЕП

Ракометарите на Норвешка одиграа една од најдобрите партии на Европското првенство на кое се кодомаќини заедно со Австрија и Шведска. Во рамки од претпоследното коло од главната групна фаза на континенталниот собир, Норвешка за класа беше подобра од Исланд и со победата од 31-28 (19-12) ги сочува шансите за пласман меѓу четирите најдобри во Европа. 

Сепак, и покрај новите два бода за прво место во групата Скандинавците ќе мораат да извлечат поволен резултат во последното коло против Словенија, која денес во самиот финиш го скрши отпорот на Португалија и остана во игра за елиминационата фаза. Но, постои можност уште вечерва Норвешка да слави полуфинале, доколку Унгарија не запише победа на дуелот против Шведска во Малме.

<<< ПОВРЗАНО - Словенија продолжува да сонува полуфинале: Португалија испушти здив во финишот

И покрај проблемите со кои се соочуваат уште од самиот старт на подготовките, како и повредата од пред некој ден на својот прв десен бек Род, избраниците на Берге доста мотивирано и фуриозно го започнаа вечерашниот натпревар во Малме и по првите пет минути имаа водство од 5-0.

Исландската криза продолжи и во следните десет минути, па Норвешка се одлепи на осум гола предност (11-3), а високата позитива ја сочува и на паузата, на која замина со +7 (19-12). За разлика од првиот дел, во вториот Исланд беше селекцијата која наметна свое темпо на игра и со серија голови успеа да намали на три гола разлика, со која влезе и во последните десет минути (26-23). Сепак, О'Саливен и Сагосен кога беше најпотребно беа непогрешливи и ѝ обезбедија значајна победа на својата селекција од 31-28.

Сагосен со девет и О'Саливен со пет беа лидери во победничкиот табор, додека Гудмудсон со пет гола беше прв стрелец кај Исланд.