Норвешка по една деценија доби првак во женската ракометна ЛШ

Екипата на Кристијансанд Виперс во дуелот на дебитантите славеше над Брест Бретањ (28-34) и ја освои првата титула во историјата во женската ракометна Лига на шампиони.

Норвешкиот првак одигра перфектен натпревар со мали исклучоци и константно водеше против францускиот колектив кој се врати во еден момент од мечот, ама грешките пресудија резултатот пак да се врати на старата на Кристијансанд.

Уште од стартот Кристијансанд се одлепи во мечот (1-5), па противникот бркаше негатива. Брест се врати во натпреварот кога од 4-9 изедначи на 9-9, меѓутоа кобен беше лошиот финиш на првиот дел во кој норвешкиот тим пак дојде до „плус пет“ (13-18). Вториот дел беше само рутина, а во ниту еден наврат Брест не успеа да спушти под четири гола негатива.

Рејстад беше феноменална кај победникот со 12 гола, пред Кнедликова со шест, а Локе и Амцен имаа по четири реализации. Кај Брест, Грос погоди осум пати. За Норвешка ова е прва титула во женската Лигата на шампионите по десет години. Последниот тим од земјата кој се искачи на тронот беше Ларвик во сезоната 2010/11.