Норвешка немилосрдна против Бразил за полуфинале со големиот ривал Данска

Репрезентацијата на Норвешка е четвртиот полуфиналист во женскиот ракометен турнир на Летните Олимписки Игри во Париз. Во последната четвртфинална битка олимписките шампионки од 2008 и 2012 година му нанесоа висок пораз на Бразил од 32-15 и со тоа закажаа натпревар за финале против големиот ривал Данска.

Норвежанките својот квалитет и сила ги покажаа уште во воведните минути од натпреварот. Подвижната и цврста одбрана им обезбедуваше лесни голови на крилата, па за краток период водството на европската селекција се искачи на високи седум гола (10-3). Бразилскиот селектор со тајм-аут и неколку промени во напад проба да ја врати својата селекција во игра. Но, противникот не застана и на полувреме замина со позитива од осум гола (16-8).

Ништо ново не донесе ниту второто полувреме. Норвешка, иако беше свесна дека пред себе ќе има тешка задача против скандинавскиот ривал во полуфиналето, не отстапи од својот стил на игра и немилосрдно ја полнеше мрежата на Бразил. На крај фаворитот извојува убедлива победа од 32-15. 

Јакобсен со шест гола и Херен со пет беа најпрецизни во таборот на победничката екипа, додека за Бразил по три постигнаа Гуереиро и Де Паула.