Норвешка не виде мака со Швајцарија и се наостри за Унгарија

Женската селекција на Норвешка ја продолжува доминацијата на Европскиот шампионат, откако вечерва го забележа и седмиот триумф во низа, четврти во главната фаза од континенталниот собир. Во Виена падна селекцијата на Швајцарија со убедливи 24-40. Со ваков скор бранителот на титулата како лидер ќе патува во полуфиналето, во кое за противник ќе ја има селекцијата на Унгарија.

Норвежанките фуриозно го започнаа овој дуел и во првото полувреме постигнаа голови колку што многу други не можат да постигнат во цел натпревар. На пауза се замина со 13-24 за Норвешка, а во второто полувреме темпото на игра спласна со цел фаворитот да ги сочува силите за битката за финале. Швајцарија, пак, одигра речиси како во првиот дел и на крај мораше да се задоволи со пораз од шеснаесет голови разлика.

За Норвешка во листата на стрелците се запишаа дури дванаесет ракометарки, а најпрецизна беше Исаксен со пет гола. За поразениот тим голови постигнаа десет ракометарки, а најрасположена беше Шмид со седум погодоци. 

Второто полуфинале го сочинуваат селекциите на Данска и Франција, а двете битки за финале ќе се одиграат на 13 декември.