Норвешка ќе го сонува Коралес, Шпанија рутински до мундијалското полуфинале

Шпанија обезбеди полуфинале на Светското првенство во Египет, откако денес ѝ одржа лекција на Норвешка (31-26) која немаше одговор за Коралес и исклучително ефикасниот напад на противникот.

Првата ѕвезда на Норвежаните, Сандер Сагосен, започна лошо. Правеше чести технички грешки, а шпансккиот голман му прочита неколку удари. Тоа го натера Берге да го седне на клупата. Тоа го искористија избраниците на Рибера за да направат почетна предност, која растеше како што одминуваше периодот.

Скандинавците продолжија да се мачат и правеа брзоплети грешки во напад, а Шпанците казнуваа немилосрдно и запишаа 75% реализација по првите 30 минути. Поради тоа резултатот на семафорот на пауза гласеше 21-15 во корист на европскиот првак. За издвојување е повредата на Сагосен, како и четирите гола во низа на Македа, кој беше човекот најзаслужен за високата предност на Шпанците.

Сагосен продолжението го започна на клупата поради проблеми со колкот. Но, неговите соиграчи ја искористија опуштеноста на ривалот и со три гола во низа ја вратија неизвесноста во мечот. Шпанија веднаш повика тајм-аут, за да ги реши пречките во организацијата на нападот. Меѓутоа, ништо не се промени, Норвешка продолжи да прави притисок и да го користи одличниот период на голманот Бергеруд.

Одговор на „црвената фурија“ пристигна од расположениот Марчан. Играчот на линијата од шест метри беше нерешлива енигма за противничката одбрана, а неговите соиграчи наоѓаа начин да му асистираат. Сагосен стегна заби и се врати на теренот во завршницата, во обид да им помогне на своите репрезентативни соиграчи.

Лошиот напад ја уништи секоја надеж на норвешките ракометари, па шпанската репрезентација сигурно стигна до полуфиналната фаза. Алекс Душебаев со осум гола беше прво име кај победничката екипа, за која блесна Коралес со 19 интервенции.