Норвешка го одбрани златото и слави јубилејна десетта европска круна!

Женската ракометна репрезентација на Норвешка ја освои јубилејната десетта титула европски првак. Бранителот на трофејот ја круниса оваа незаборавна година со уште едно злато, по она олимпиското пред пет месеци. Во финалето во Виена, норвешките ракометарки ја совладаа Данска со 31-23 (13-12), откако првиот дел донесе израмнета борба, а потоа до израз до дојде норвешкиот квалитет.

Двете селекции започнаа тврдо, а Данска прва се одлепи на +2. Но, во финалето и премногу се грешеше, па ниту една селекција не се одлепи. Ана Мете Хансен доминираше и од игра и од седум метри и Данска остави подобар впечаток во првата половина од полувремето. Но, олимпискиот победник преку Реистад и Дале Братсет направи пресврт и на одмор замина со гол предност (13-12).

Солберг се разбрани на почетокот од вториот дел и норвешките ѕвезди тоа го искористија. Ховден и Тале Деила погодуваа во серија и во 40. минута фаворитот стигна до високи +6. Се обиде данската клупа со тајм-аут да се врати, но искусен тим предводен од ветеранки како Лунде и Харем како лидери, не ја испушти залихата до крај. Норвешкиот национален тим лесно го приведе натпреварот кон крај и извојува победа од 31-23. 

Најефикасни во норвешкиот табор беа Реистад со осум и Ховден со пет погодоци, а кај Данска се истакнаа Мете Хансен и Хојлунд со по шест гола.

Бронзениот медал го освои Унгарија, која попладне ја совлада Франција со 25-24.