Ноември е резервиран за Пелистер – Сегед: Мечот на колото е во Битола!

По викенд исполнет со тага и емоции, унгарскиот вицешампион ја насочува енергијата кон натпреварот од седмото коло во Лигата на шампионите во Македонија, кој ќе се одигра во Битола. ПИК Сегед гостува кај македонскиот првак Еурофарм Пелистер, екипа која традиционално создава одлична атмосфера на домашен терен и секогаш е тешко да се победи пред македонската публика.

Историјата меѓу двата клуба е кратка, но многу јасна. Сегед има максимален скор од две победи во исто толку средби во најелитното европско натпреварување. Првиот дуел се одигра на 16 ноември 2023 година во „Пик Арена“, кога домашниот тим славеше со 34-26, предводен од Марио Шоштариќ кој постигна девет погодоци, додека вториот натпревар, одигран во Битола, донесе уште повеќе драма, затоа што унгарскиот тим победи со 28–27, со гол во последните секунди, а токму тој триумф остана запаметен како еден од највозбудливите натпревари во групната фаза. Интересно е што двете досегашни средби меѓу екипите кои ќе го играат „мечот на колото“ според ЕХФ се одиграни во месец ноември, што веќе создава симболика која унгарските медиуми духовито ја претвораат во слоган: „Ако е ноември – тогаш е време за Пелистер“.

Македонскиот шампион сезонава бележи скромен учинок во елитното друштво, затоа што има една победа и пет порази во шест натпревари, што му го носи седмото место во групата со два бода. Од друга страна, Сегед со три победи и исто толку порази се наоѓа на четвртата позиција со вкупно шест бодови, што го држи во борба за пласман во нокаут фазата. Дополнителна нота на дуелот дава фактот што во составот на Еурофарм Пелистер настапуваат двајца поранешни играчи на Пик Сегед, тоа се Богдан Радивојевиќ и Ник Хенигман, кои добро го познаваат системот и филозофијата на унгарскиот тим.

Натпреварите во Битола секогаш нудат посебна ракометна атмосфера. Домашната публика е препознатлива по својата страст и поддршка, а тоа секој противник го чувствува од првата до последната минута. За екипата на тренерот Михаел Апелгрен, дуелот во „Боро Чурлевски“ ќе биде испит на зрелост околу амбициите, а интересно ќе биде да се види како Сегед ќе реагира на овој меч затоа што во него влегуваат со пораз од големиот домашен ривал Веспрем (31-32).