ВИДЕО: Ниту Нексе не успеа да го запре: Вардар е нов рекордер во СЕХА!

Ракометарите на Вардар со победа го завршија регуларниот дел од СЕХА лигата. Избраниците на Раул Гонзалес вечерва во СЦ „Јане Сандански“ славеа над хрватскиот вицепрвак Нексе Нашице со 29-25. Гостите одолеваа во првиот дел и одржуваа некаква резултатска рамнотежа, но вардарци во вториот дел покажаа кој е главен во Скопје.

Со оваа победа против хрватскиот вицепрвак, Вардар стана единствен тим што успеал да ја заврши сезоната со најмногу бодови досега во историјата на СЕХА лигата и со најмногу победи. Досегашниот рекорд го имаше Веспрем, со 16 победи и две ремија.

Гостите отворија со голот на Лебан по неколкуте промашувања на двете страни, а Вардар првиот гол го даде во 7. минута преку Кањељас за 1-1. „Црвено-црните“ водеа најмногу со два голови разлика, но Нексе секогаш се враќаше во игра. Беше 4-2, па 6-4, 7-5, 8-6.

Потоа момците на Хорват израмнија на 8-8, а по исклучувањето на Македа и грешката на Кристопанс, Нексе поведе со 9-10. Водеа гостите и со 10-11, пред Милиќ од гол на гол да погоди за 11-11, но Нексе замина на пауза со водство, 11-12, откако Лебан погоди во последните секунди.

Баришиќ Јаман зголеми на 11-13 на стартот на вториот дел и Нексе продолжи да ја одржува предноста од еден или два гола. По 15-16 во 38. минута, вардарци со серија од три гола поведоа со 18-16, но Нексе пак се врати во игра и израмни на 19-19, а беше и 20-20. Момците на Раул заиграа подобра одбрана и тоа се виде во резултатот.

Лука Циндриќ погоди за +3, 24-21 во 51. минута, а потоа беше и 25-22. Дибиров зголеми на 26-24 во 57. минута, откако Нексе се врати на -1 со помош на седми играч. Повторно Циндриќ погоди за 27-25, а Шишкарев и Кристопанс ги поставија конечните 29-25.

За Вардар сега следува пауза, пред стартот на дуелите од македонскиот плеј-оф, а потоа ќе има и репрезентативна недела, па ќе следува главното во сезоната. Завршниот турнир во СЕХА,  а потоа и четвртфиналето од Лигата на шампионите.