Ниту „ф“ од финале: Данска ја прегази Норвешка и го грабна првото злато на СП!

Ракометната репрезентација на Данска на домашен терен во преполната „Јиск Арена“ ја оправда фаворитската улога во финалето против Норвешка и со убедлив триумф (22-31) дојде до своето прво мундијалско злато во историјата.

Во првото скандинавско финале на Мундијалите, Данците беа немилосрдни кон Норвежаните. До историското злато, Данска дојде во својот четврти обид, по трите неуспешни финалиња во 1967, 2011 и 2013 година. Разликата меѓу двата тима беше евидентна во првиот дел, а второто полувреме беше само рутина. Дуелот за златото беше еден од најневозбудливите во последните години.

Мечот во Хернинг беше во егал до десетата минута, кога на семафорот стоеше 5-5. Потоа, почна доминацијата на Данска која прво се одлепи на 5-8, а тимот на Берге го тресеше голема криза затоа што четири минути беше без гол. Потоа, Данска водеше и со 6-10, па и 8-11, за потоа да профункционира блокот во одбраната, како и голманот Ландин, за висока предност од 8-13.

Разликата меѓу двата тима беше во нападот - Данска имаше ефикасност од 75% (18/24 шута), наспроти скромните 45% на Норвежаните. На паузата домаќинот имаше позитива од седум гола (11-18), а на старот на вториот дел, Менсах и Хансен продолжија да го тероризираат ривалот за недостижни 13-21.

Во последните 20 минути се влезе со позитива од седум гола на Данците (15-22), а Норвешка делуваше тотално немоќно, па тоа донесе и највисока предност од 11 гола на домаќинот на Мундијалот (16-27), на тринаесетина минути пред финишот. До крајот Данска ротираше, па Норвешка само го намали поразот (22-31).

Најдобар кај победникот беше Хансен со седум гола, а Сван и Лауге дадоа по четири гола. Фантастичен беше и голманот Ландин, со 15 одбрани. Кај Норвежаните, Јондал запиша девет погодока.

Триумфот на Данска во скандинавското финале е втора највисока победа во финалињата, по онаа на Шпанија токму над Данска во 2013 година, со 35-19. Данска е втората скандинавска селекција која освојува светско злато, по Шведска.