Ништо ново во СЕХА: МАКС Струмица со „аматерски“ ракомет декласирана кај Мешков Брест

Продолжија натпреварите во регионалната СЕХА лига, а за екипата на МАКС Струмица ништо ново. Нов убедлив пораз, овој пат на гостувањето во Белорусија, кај Мешков Брест, 39-20 (19-9).

Струмичани немаа ниту десет минути надеж, дека би можеле да стигнат до нешто, што се нарекува пристоен пораз. Домаќините започнаа фуриозно и веќе по само десет минути игра имаа предност од 10-3. Предноста растеше во текот на сите 30 минути од првото полувреме, за да достигне највисоки +11.

Разгор и Камишик продолжија да го „решетаат“ голот на Костески и во вториот дел. Нашите ракометари немаа ама баш никаков одговор на нападите на белоруската екипа. До крајот на натпреварот единствено беше непозната разликата со која ќе заврши истиот. На крај и 13. пораз за струмичани, како и првиот натпревар, кога загубија со 19 разлика, сега загубија со идентична разлика, 39-20. 

Кај македонскиот претставник најефикасни беа Мајиќ и Левов со 8, односно 7 постигнати гола. Предводник на домаќините беше Камишик со 10 гола. Очаен беше процентот на одбранети удари на голманот на МАКС Струмица, Костески, кој одбрани само 6 од 45 обиди на домашните ракометари. 

Веќе за три дена, избраниците на Трендафилов имаат уште едно тешко гостување, кај Веспрем. Мешков Брест, во наредното коло гостува кај Прешов.