• Мартин Танасковски
По вистински ракометен трилер кој траеше цели 80 минути, Барселона успеа да се врати на светскиот врв и повторно да го освои Супер Глоуб трофејот. Каталонскиот гигант во финалето го совлада унгарскиот шампион Веспрем со резултат 31-30, по две продолженија од по 2x5 минути (26-26, 22-22, 13-12).
Мечот беше неизвесен од самиот почеток, со минимални разлики и жестока борба на секој дел од теренот. Регуларниот дел беше израмнет и заврши 22-22, а слично беше и во првото продолжение во кое се играше гол за гол. Потоа, Барселона поведе со 28-26 во второто продолжение и многумина помислија дека тоа е моментот кога Шпанците конечно ќе ја скршат играта на ривалот. Но, Веспрем одговори експресно и со два брзи гола донесе ново израмнување.
Клучниот момент се случи во последните пет минути кога блесна голманот Емил Нилсен. Најпрво во 77. минута одбрани зицер, а во самиот финиш спречи уште еден удар кој можеше да го однесе мечот во пенали. Барселона потоа од полуконтра искористи празен гол и погоди за 31-30, а последната шанса на Веспрем беше запрена – топката се „залепи“ меѓу нозете на Нилсен.
Емил Нилсен блесна на голот и забележа 27 одбрани од 55 шута, а кај стрелците прво име беше Гомез Абељо со шест гола. Кај Веспрем, Уго Дескат имаше осум гола, го следеа Ремили и Мартиновиќ со по шест, а голманот Коралес имаше 16 одбрани.
Каталонците со оваа победа ја прекинаа петгодишната пауза без светска титула, враќајќи се на врвот како најтрофеен клуб во историјата на ова натпреварување. Веспрем, пак, остана без трофеј и покрај одличната игра и храброста да се враќа во натпреварот дури и кога изгледаше загубен. Финалето ќе остане запаметено како едно од највозбудливите во поновата историја на Супер Глоуб, а Емил Нилсен заслужено го понесе епитетот на херој на Барселона.



