Нилсен: Алборг на секоја позиција има ракометари од светска класа

Еден од новајлиите во таборот на Еурофарм Пелистер, данскиот ракометар Андреас Јохан Нилсен е во центарот на вниманието пред дуелот со Алборг во втората рунда на Лигата на шампионите. Кружниот напаѓач веројатно најдобро го познава следниот противник и неговите ракометари, па зборуваше на средбата со медиумите. 

Нилсен не ги криеше комплиментите за Алборг и неговите ѕвезди. Засилувањето кое првпат ќе се врати да игра како ривал во својата родна земја призна дека ќе биде екстремно тешко против Данците.

„Ќе биде интересно да се вратам во Данска и да играм за странски клуб. Ќе биде поинакво искуство, доаѓаме како македонски шампиони и ќе мора да го предизвикаме Алборг, иако тие имаат светска класа ракометари на сите позиции. Ќе биде многу тешко, ама очекувам да пружиме отпор. 

Играат традиционален скандинавски ракомет, многу организиран. Не прават многу грешки, сакаат да имаат контрола, а ние мора да не го следиме тоа и да креираме свое темпо. Само така можеме да бидеме конкурентни во сите 60 минути против нивните ѕвезди. Мора да ги притиснеме на физички план. Алборг има мешовит тим со млади и „гладни“, но и искусни ракометари. Го загубија дуелот во Суперкупот кој за нив не е најважен, па и тие работат на достигнување на оптималната форма за ЛШ и данското првенство. Покажаа каков тим се со победата против Киелце, но ние ќе се бориме“, изјави Нилсен.

Пресметката меѓу Алборг и Еурофарм Пелистер е во вечерниот термин (20:45 часот) в среда. Битолчани се очекува веќе во вторник да пристигнат во Данска пред дуелот.