• Мартин Танасковски


„Нашите идни шампиони“ продолжува со нова серија приказни за младите спортисти кои ја градат иднината на македонскиот спорт. Powerade и Gol.mk повторно им даваат простор на оние кои допрва треба да го кажат своето име на големата сцена.
Во второто издание на оваа кампања, запознаваме осум перспективни македонски спортисти, млади луѓе кои секојдневно тренираат, се жртвуваат и растат низ спортот. Преку нивните лични приказни, откриваме и дел од спортскиот живот невидлив за публиката: поддршката од семејството, влијанието на тренерите, борбата до првите успеси, соништата и предизвиците на патот кон врвот.
Со оваа кампања, Powerade продолжува да ја истакнува важноста на вистинската поддршка во најсензитивните години од развојот на еден спортист. Затоа, следете ја новата генерација која доаѓа и бидете сигурни дека македонскиот спорт има светла иднина.
Во најновото интервју, Ви го претставуваме Ѓорѓи Николовски (18), кадетски репрезентативец на Македонија и член на првиот тим на Алкалоид. Момчето кое од фудбалер стана ракометар, играше како бек, но потоа и како голман и постепено се наметна како важен играч во младинските екипи за кои настапуваше. Алкалоид ќе му биде шанса за нов чекор напред во кариерата на клупски план и место за развој, под будното око на легендата Кирил Лазаров. За почеток, Николовски ни откри како започнал со ракометот и кој е неговиот досегашен пат.
„Прво почнав со фудбал како дете. На четири години почнав со овој спорт во Куманово и на шест години почнав со ракометот. Истовремено до 13 години играв. Бев член на клубот на мојата мајка Катерина, таа имаше клуб Старс, потоа стана и тренер во Металург. Потоа клубот стана дел од академиите на КЛ7 кои беа низ цела Македонија. Бев таму година до две, па бев дел од Куманово каде бев дел од првиот тим на 13 години. Бранев во сите категории. Една сезона бев во клубот и пред крајот, ме побараа од Алкалоид. Му се допаднав на Кирил Лазаров како голман, ме контактираа и се договоривме да дојдам во Скопје“, ни изјави Николовски.
Тинејџерот потоа кажа како од бек и играч во поле, се решил да биде голман и зошто ја донел таа одлука која му го променила ракометниот пат.
„Не бев цело време голман, од 12 години што тренирам ракомет, официјално шест години сум голман. Претходно и играв и бранев низ младинските категории. Бев бек. Но, ја увидов големината од тоа колку е важно да си голман на еден тим, колку имаш удел во играта и затоа решив да бидам голман. Имам прегледност на играта, на натпреварите некогаш шутирам, давам голови, тоа ми има останато од времето кога бев играч“, раскажа чуварот на Алкалоид.
Голманот признава дека најголем удел за изборот на ракометот како спорт имало неговото семејство, кое има ракометна историја.
„Семејството беше она што ме држеше во ракометот. Мојот дедо беше голман на времето во Брегалница, беше и тренер на жени во Куманово пред 2000 година. Мојата мајка исто така беше ракометарка, мојата сестра... Седум години тренирав истовремено два спорта, морав да се одлучам за еден и задоволен сум затоа што го избрав ракометот. Не се каам за мојот избор да станам дел од овој спорт“, вели Николовски.
Младите спортисти тешко ја поднесуваат преселбата од еден во друг град, но тоа не било случај со Николовски, кој кажа дека лесно се адаптирал на новата средина по преселбата од Куманово во Скопје.
„Преселбата од Куманово во Скопје не ми беше претешка, но секако дека беше малку специфична, иако се работи за кратка релација. Како дете доаѓаш во друг град. Не е лесно кога како дете мораш да заминеш од место на кое што си живеел, израснал, каде што ти се пријателите и семејството. На почетокот беше ете ќе кажам малку 'страшно' и незгодно, но брзо се навикнав со помош на околината. Кога пристигнав во Скопје на 15 години, целата генерација ме прими. Се дружевме, заедно излегувавме. Најблизок во тоа време бев со Матеј Тевдовски, сега игра за Мулти Есенс. Во првиот тим кога дојдов, со Давид Трајковски и со Иван Галевски бев најблизок и многу ми помогнаа“, вели младиот голман.
Во продолжението на интервјуто, Николовски ни откри што е потребно да бидеш квалитетен голман на теренот, како и тоа дали има некој ритуал или специјална подготовка за натпреварите.
„За да бидеш квалитетен голман и да бидеш фокусиран на меч, секогаш мора да веруваш во себе и во своите можности. И да имаш најлош ден, мораш да се потсетиш на добрите моменти и кога не ти оди, да направиш некој 'клик' да ти тргне и да почнеш да браниш како што треба. Во тие моменти се гради карактер, така стануваш играч. Ритуал искрено немам некој пред натпревари. Со тениски топчиња жонглирам, координација да имам, но не сакам многу да се преоптеретувам со тоа затоа што ако еднаш ти се наруши ритамот, може да ти го сруши цел меч. Така што, се прилагодувам на ситуацијата“, вели тој.
На трансферот од Куманово во Алкалоид, Николовски гледа како голем чекор напред. Го цени секој момент поминат на теренот и на тренинзите, затоа што учи и расте како играч во една здрава ракометна средина, која ги нуди сите предиспозиции за успех во овој спорт. Истовремено, кажа дека многу му значи работата со Кирил Лазаров, името по кое Македонија е препознатлива во ракометниот свет.
„Трансферот во Алкалоид беше голем чекор за мене и многу добар избор. Друго искуство е да имаш со играчи што имаат многу повеќе видено од тебе, играно од тебе, што играле во Европа. Кога си дел од првиот тим, тоа е нешто специјално. Различно го гледаш ракометот во таков момент, отколку кога си дел од својата генерација. Многу значи кога си во убава и здрава средина, привилегија е да си дел од таков клуб, посебно како најмлад. Ги имаш сите пред себе услови за учење. Ги имаш играчите за совет, го имаш Кирил Лазаров крај себе, светско име, светски играч, класа. Секој совет вреди злато во ваква средина. Работата со Кирил Лазаров многу е важна. Секогаш работи со нас, се труди да нè научи. Она што од него го научив е дека секогаш мора да се бориш за себе и за своето место секаде, за да го добиеш она што го посакуваш. Во моментов сум трет голман во првиот тим, но работам и тренирам за повеќе. Што ќе донесе времето, ќе видиме.“
Николовски беше дел од кадетската репрезентација на Македонија која дебитираше на Европското првенство У18 и го освои деветтото место во Европа. Вели дека е задоволен од постигнатото, жали за некои натпревари, но со гордост секогаш ќе се сеќава на тимот, на заедништвото и на убавите моменти минати со селекцијата.
„Како со една реченица би го опишал настапот на Европското првенство? Па, дека со добра тимска хемија, можеш многу повеќе одошто сите мислат. Генерално задоволен сум од тоа како одигравме, малку ми е криво за некои мечеви што не успеавме до резултат како со Словенија и Шведска во групната фаза, но подоцна покажавме дека не сме случајно пласирани на тој собир и победивме на останатите натпревари. Завршивме деветти во Европа. Имавме доста тешка група, врзавме пет победи по ред. Најмногу бев горд кога во последната минута победивме со Фарски Острови. Гледаш лево, гледаш десно, сите се радосни. Кога по десет години ќе се сетам на ова првенство, ќе го паметам по добрата дружба со соиграчите. Убавите моменти кои ги имавме заедно. Секогаш ќе се паметат тие победи, натпреварите, подемите кога било најтешко. Но, дружбата беше нешто посебно и односот со тренери, со соиграчи, времето кое го имавме заедно...“, истакна тој.
Идолот на Николовски е некогашната вардарова „единица“ Арпад Штербик, но заради различните предиспозиции, го сака Швеѓанецот Андреас Паличка.
„Идол ми е Арпад Штербик, но немаме исти предиспозиции и не можам да се споредувам со него. Некој што е играч од мој калибар, тоа е Паличка. Има специфичен стил, ми се допаѓа на пример затоа што во некои моменти дури и се фрла на глава да ја фати топката, без разлика на тоа дали моментот има ракометна убавина, дали изгледа голмански или не. Важно е да се игра и да се даваш себеси на таков начин за тимот.“
На крај на интервјуто, Николовски кажа што ќе беше да не беше ракометар и ги откри желбите за иднината со репрезентацијата на Македонија и со тимот на Алкалоид.
„Што ќе бев да не бев ракометар? Не знам, ама сигурно немаше да бидам фудбалер иако тренирав претходно. Околу желбата за понатаму, за иднината со Македонија ми е да имаме најпрво добар настап наредното лето на Светското првенство. Сакам да влеземе во ТОП-8 и да докажеме дека можеме многу повеќе. Сакам да ја направиме Македонија горда. На клупски план со Алкалоид, посакувам што е можно повеќе заеднички победи. Да се бориме во сите натпреварувања, да имаме резултати, да растеме заедно како тим. Имаме услови за тоа, наше е да ги искористиме да бидеме што подобри и поуспешни“, заврши голманот на Алкалоид.