Николов промаши пенал за реми, Охрид слави по драмата со Бутел

Ракометарите на Бутел Скопје и ГРК Охрид се сретнаа во првото коло од плеј-офот во македонската ракометна Суперлига, a победата им припадна на гостите од градот крај езерото, кои по огромна и неизвесна борба славеа со конечни 29-30. 

  • Комплетниот натпревар помеѓу Бутел Скопје и ГРК Охрид: 

Домашниот состав имаше за нијанса повеќе од играта во првото полувреме, но не успеа да создаде поголема предност во однос на ривалот. И Охрид делуваше како тим кој не е за потценување и пред истекот на првиот дел успеа да намали на 14-13, резултат кој остана и на паузата. 

Второто полувреме понуди многу изедначена игра на двете страни, долго време се играше во егал и во „гол за гол“ ситуација, а резултатот во 47. минута гласеше 21-22. Слична игра видовме и во продолжение, па во последните моменти беше тешко да се претпостави каде ќе замине победата. Бутел имаше напад за водство во последната минута и не реализираше, а Охрид на спротивната страна ја затресе мрежата и поведе со 29-30. Домаќините повикаа тајм-аут, па во последниот напад се изборија за пенал, но гостинскиот голман беше на висина на задачата, му го одбрани ударот на Филип Николов и донесе триумф за својот тим. Конечниот резултат на крајот остана 29-30. 

Најефикасен во победничкиот табор беше Гоце Ојлески со седум голови, а уште шест додаде Орјоникидзе, додека кај домашниот состав на Бутел прво име беше Филип Николов со осум голови.