Николов и Начевски ќе судат на Светското првенство во 2025 година

Oчекувана вест ако се знае дека нашата ракометна судиска двојка Ѓорѓи Начевски и Славе Николов важи за една од најдобрите ако не и најдобра во светот.

Начевски и Николов и понатаму ќе бидат дел од големите ракометни настани и ќе ја делат правдата на претстојното Светско првенство, кое на почетокот на јануари следната година ќе се одржи во Хрватска, Данска и Норвешка

ИХФ ги објави судиските двојки кои ќе ја делат правдата на планетарниот собир, а очекувано меѓу нив е и нашата судиска двојка. 

На овој шампионат ќе настапи и нашата најдобра ракометна селекција предводена од селекторот Кире Лазаров. Македонија во групата во Вараждин ќе се судри со Унгарија, Холандија и Гвинеја.