Николиќ: Нашите проценки за пелистерци се покажаа како точни

Загреб одигра уште еден добар натпревар и го победи Еурофарм Пелистер, овој пат во Битола (22-23) и така остана во игра за нокаут-фазата во Лигата на шампионите. По натпреварот, тренерот кој го водеше тимот на овој дуел, Андрија Николиќ, кажа дека ова бил спектакуларен меч во одлична атмосфера и му честита на тимот за успехот.

„Знаевме дека Еурофарм Пелистер е добра екипа. Најавивме и дека ќе биде тешко. Се покажаа точни нашите проценки, но квалитетот на крај беше на наша страна.

Можеби имаше можност во првиот дел да направиме подобра разлика, но така работите се поклопија. Честитки до моите играчи за борбата и одиме понатаму. Можеме да бидеме задоволни, растеме како екипа. Бевме во егал со Киелце, ПСЖ, Алборг... некои ги и победивме. Ако продолжиме со ваква игра, сигурен сум дека иднината ќе биде во наша корист“, изјави Николиќ.

Хрватскиот првак ја игра најдобрата сезона во Лигата на шампионите споредено со изминатите години. По десет одиграни кола Загреб е шести со четири победи, две реми средби и четири порази.