Николиќ: Битола ќе биде многу тежок терен за сите ривали во елитата!

Тренерот на РК Загреб, Андрија Николиќ, го призна поразот од Еурофарм Пелистер на стартот од новата сезона во Лигата на шампионите, но истакна дека неговиот тим нема да отстапи од целта, а таа е прогрес од групата Б во елиминациската фаза. 

Загрепчани загубија во драматичниот финиш во Битола (25-23), а гостинскиот стратег џентлменски изјави дека Битола ќе биде пеколен терен за сите следни противници. 

„Знаевме дека ќе наидеме на цврст ривал, со голема желба за победа и огромна поддршка од трибините. Овој терен ќе биде многу тежок за сите ривали во нашата група, мислам дека многу екипи добро ќе се испотат за бодовите. 

Имавме добри моменти во мечот, кога водевме со два гола разлика имавме шанса да побегнеме и на +3, но домашниот голман малку ни го смени планот. Пелистер имаше малку повеќе среќа, но и умешност во клучните моменти. 

Нашиот тим ќе расте уште повеќе, целта не ја менуваме. Што се однесува до Пелистер, очекувам и тие да бидат подобри со текот на сезоната“, изјави Николиќ. 

За Еурофарм Пелистер ова беше прва историска победа над Загреб, а радоста во Битола е секако голема после првите освоени бодови во групата Б: