Никој не сака да игра Европа, ракометните клубови откажуваат настап во Европската лига и ЕХФ Купот

Пандемијата на коронавирусот предизвика многу проблеми во светот на спортот. Неизвесната економска состојба принуди неколку клубови да се откажат од своите настапи во европските натпреварувања следната сезона.

Голем број клубови ќе играат само домашни првенства, а на тој начин ќе се обидат да го зачуваат опстанокот на клубот, бидејќи настапот на европската сцена бара дополнителни финансиски трошоци.

Пред неколку дена германскиот бундеслигаш Хановер го најави повлекувањето на Европската лига, а слични вести стигнаа од Србија, па Војводина од Нови Сада, Металопластика и Динамо од Панчево ќе го сторат истото.

Шпанскиот Сиудад де Логроњо (поранешна Натурхаус Ла Риоха), полските Горник Забрзе и Гвардија Ополе исто така објавија неиграње во евро-куповите. Од Македонија до овој момент се откажа единствено Охрид, кој требаше да кандидира за учество во Европската лига.