Никогаш полоша ракометна година: Алкалоид и Тиквеш единствени со европска победа

Вчерашниот натпревар на балканските ривали, Еурофарм Пелистер и Загреб, беше последен официјален меч на меѓународна сцена на една македонска екипа. Нашиот ракомет зад себе ја остави резултатски најлошата година. Звучи чудно, но единствените победи во 2023 година во евро-куповите ги запишаа Алкаоид и Тиквеш, во Европската лига и ЕХФ Купот. Сепак, нивните победи не донесоа минување на групата или колото, па ќе останат само статистички податок.

Ако се анализираат само овие дванаесет месеци, Алкалоид во своето европско деби го победи и ремизираше со шпанскиот претставник во Европската лига Ла Риоха, а Тиквеш го првиот натпревар од ЕХФ Купот, во „Јасмин“ во Кавадарци, беше подобар од австриски Кремс. 

Во календарската година реми во групната фаза на Европската лига има и Еурофарм Пелистер, во февруари годинава против португалсиот Агуаш Санташ. Сепак, со две реми и две победи не може многу што да се пофалиме во оваа турболентна година. Пелистерци, иако на половина  од натпреварите беа рамноправни, ги загубија десетте натпревари од есенскиот дел на Лигата на шампионите. На овие резулати ќе ги придодаеме двата порази на Вардар 1961 од Рајн Некар Левен во квалификациите на Европската лига.

За официјално осмата лига во Европа (според рејтингот на ЕХФ за сезоната 202/23) овие резултати се поразителни. Сепак, се реален показател каде се движи македонскиот ракомет, со само два супер-организирани клуба и буџет кој е најмал во натпреварувањата во кои партеципираат Еурофарм Пелистер, Алкалоид, Вардар 1961...

Сепак, нашиот пад на ранкинг листата на ЕХФ од осмото на тринаесеттото место не се должи на овие европски порази. Падот и губењето на сигурното место во Лигата на шампионите е како последица на неиграњето на Вардар 1961 во ниту едно европско натпреварување за сезоната 2022/23 и „нулата“ во рејтингот која ќе ни стои уште неколку години. 

Најнови вести од
Лига на шампиони