Ни „Д“ од дерби: Охрид декласиран од Вардар со ДЕВЕТ гола разлика! 

Ни „Д“ од дерби во „Јане Сандански“. Ракометарките на Вардар го декласираа Охрид во денешното соочување во Суперлигата и ја продолжија победничката серија во домашниот шампионат оваа сезона. Натпреварот во Скопје беше еднонасочен, а шампионот на крај славеше со 27-18.

Летното засилување од Кил, Абделхак, го постигна првиот гол за Вардар на дербито и донесе 1-0, но Охрид експресно возврати преку Јагуриновски за 1-1. Сепак, египетскиот бек повторно бомбардираше и со својот втор погодок ја врати предноста на Вардар (2-1).

Новиот заменик-капитен Јака Малус во свој стил ја проби гостинската одбрана и зголеми на 3-1, по што Охрид одново возврати. Ако стартот на дербито најави израмнета и возбудлива битка, во продолжението од полувремето,  Вардар доминираше на паркетот. Охриѓани имаа сериозни проблеми во нападот, а тренерот Борис Ројевиќ никако не успеваше да го пронајде вистинскиот рецепт за цврстата вардарова одбрана.

До 20. минута „гладијаторите“ постигнаа само три гола, па Вардар стигна до убедлива предност од пет гола (8-3). „Црната серија“ на Охрид беше прекината во 22. минута, кога Мате погоди од седум метри за 8-4. Сепак, тоа не беше доволно за гостите да се вратат во игра. Вардар повторно додаде гас во финишот и со серија голови замина на пауза со убедливи 14-6.

Охрид ниту во второто полувреме не успеа да го подобри впечатокот во „Јане Сандански“, напротив, одигра уште поразочарувачки и заслужено доживеа дебакл и пораз од девет гола предност (27-18), иако Вардар во поголемиот дел од вториот дел водеше со двоцифрена предност. Највисоката беше тринаесет гола.

Летните засилувања Абделхак, Фадуил и Љевар со по пет гола беа најпрецизни за Вардар, а за Охрид прв стрелец беше Јошуда со четири погодоци. 

ФОТО: Денис Дуковски / РК Вардар 1961