Неверојатни 20 одбрани на Ландин, Кил блескаше во дербито со Флензбург

Германскиот шампион Кил им се врати на победите во Бундеслигата откако во дербито на 4. коло беше подобар од Флензбург (29-21).

„Зебрите“ одиграа маестрално во средбата, а главен фактор за победата беше расположениот голман Никлас Ландин кој имаше извонреден меч. Данецот забележа 20 интервенции меѓу стативите и мечот го заврши со 47% одбрани.

Кај стрелците, Домагој Дувњак запиша пет гола, а Рајнкајнд додаде уште четири погодока, додека кај Флензбург, за кого ова е втор пораз во низа по неуспехот со Вардар во Скопје во рамки на ЛШ, прво име беше Готфридсон со шест гола.

Кил по четири кола има три победи и еден пораз, а идентична е ситуацијата и со Флензбург. Во следната рунда „зебрите“ гостуваат кај Нордхорн-Линген, додека Флензбург ќе биде домаќин на Кобург.