Неверојатен пропуст: Загреб заборави да го регистрира екс-вардарецот Валчак за ЛШ

Ракометниот клуб ППД Загреб тргна во новата сезона на Лигата на шампионите со домашен пораз од германски Кил (23-30). На овој натпревар европско деби имаше еден екс-вардарец, бекот Куни Моралес, меѓутоа не и кружниот напаѓач Патрик Валчак. 

Полскиот пикер не беше во составот на Славко Голужа, кој по натпреварот откри дека се работи за административен проблем. Веројатно задолжените лица во Загреб едноставно погрешиле и не го пријавиле Валчак за настап во Европа, што е голем административен кикс.

„Мислам дека имаше некаков административен проблем и го немав Валчак на располагање. Не стигнав да размислувам на таа тема, веднаш тргнав да го подготвувам натпреварот на друг начин“, изјави Голужа.

Според пишувањето на хрватскиот медиум „Germanijak“, загрепчани заборавиле да го регистрираат полскиот ракометар за настап во елитното натпреварување. Тој веќе настапи во домашното првенство, па тоа потврдува дека не се работи за повреда туку за поинаков проблем.