• Горан Упале
Женската ракометна селекција на Норвешка ја доби филмската драма во „Стожице“ и останува владетел во Европа. Во големото финале на Европското првенство, во кое Македонија беше еден од коорганизаторите, Данска имаше водство речиси во текот на целиот натпревар, но Норвешка покажа моќ и карактер во клучните моменти и за дома се враќа со златен медал, деветти во историјата (25-27).
Бранителот на континенталната титула важеше за благ фаворит против скандинавскиот ривал, но Данска беше таа која ја имаше главната улога на стартот од натпреварот. Данските ракометарки отворија поорганизирано, помотивирано и поефикасно од противникот и тоа им донесе брзо одлепување. По само десет минути игра на семафорот стоеше 7-3 за предизвикувачот за титулата, а ништо поразлично не беше ниту во продолжението на полувремето.
Бургард беше лидар на данската репрезентација во првиот дел и со петте гола ја одведе својата селекција на пауза со предност од 16-13. Во спротивниот табор брилијантна беше Нора Мерк со седум гола, но не ја доби соодветната поддршка од соиграчките, па Норвешка се стави во позиција да брка негатива од три гола.
Во првата третина од второто полувреме во „Стожице“ се водеше жестока битка, која што донесе многу грешки на двете страни, но не и поголеми резултатски промени. Така беше и во следните десет минути, иако Норвешка имаше неколку прилики да се доближи на само еден гол негатива. Сепак, шамионот во 50. минута по подолго време врза два гола, израмни на 22-22 и најави супер-неизвесна завршница. Во последните пет минути се влезе со егал резултат од 24-24, по што следуваше неверојатен пад во играта на Данска и искусна селекција како Норвешка одлично го искористи тоа и со серија од 3-1 се избори за голема победа и нов златен медал.
Нора Менк со осум гола ги предводеше Норвежанките до големата победа, додека за Данска Бургард застана на шест гола.
Во предиграта за големото финале, Црна Гора славеше огромна победа над олимпискиот шампион Франција и шампионатот го заврши на третото место.