Невен Стјепановиќ ги скина лигаментите од коленото, го чека долга пауза

Магнетната резонанца на коленото од левата нога на Невен Стјепановиќ покажа дека повредата здобиена на натпреварот на Еурофарм Работник против Мешков Брест е сериозна и босанскиот ракометар се соочува со долга пауза. Имено, десниот бек има скинати предни вкрстени лигаменти и итно треба да биде опериран.

Стјепановиќ страдаше по еден невнимателен старт на Јуринок и веднаш беше видливо дека повредата е од сериозна природа. Соиграчите на раце го изнесоа ракометарот, а гледачите му аплаудираа со надеж за брзо заздравување. Сепак, Стјепановиќ нема повеќе да го гледаме сезонава и се предвидува пауза од околу една година. 

Еурофарм Работник дополнително ќе одлучи дали ќе го пополнува местото на Стјепановиќ со нов ракометар или ќе бидат потврдени актуелните членови на ростерот Петровски, Велковски, а по потреба на таа позиција може да игра и Радовиќ.

За Лисабон битолчани ќе бидат хендикепирани и со неиграњето на уште неколку ракометари. Вегар не е залечен и нема да тргне со екипата, исто како и Маркоски и Кукоски. Алушовски и стручниот штаб со мал фонд на ракометари ноќва ќе тргне за Лисабон, каде в сабота од 18:00 часот ќе се сретне со Спортинг во рамките од седмото коло на Лигата на шампионите.