Неславно деби на Мадсен, ПСЖ загуби од Монпелје во Суперкупот на Франција

Данскиот стручњак Стефан Мадсен имаше неславно деби на клупата на Пари Сен Жермен, откако неговиот нов тим ја загуби првата битка за трофеј во новата сезона во францускиот ракомет.

Во Суперкупот на Франција, ПСЖ беше убедливо совладан од Монпелје со 23-29 и на тој начин „светците“ втора година остануваат без овој трофеј, откако лани загубија од Нант.

ПСЖ беше конкурентен само во воведните минути, во кои во неколку наврати имаше и водство од два гола, но потоа Монпелје презеде сè во свои раце и почна да ја гради предноста. На полувреме беше 13-16 за Монпелје, а во вториот дел ПСЖ место да се доближи, дополнително попушти и на крај заслужено загуби со убедливи шест гола разлика (23-29). 

Хрватот Срна со шест и Шпанецот Балегер со пет гола беа најефикасни во победничкиот тим, а блесна и голманот Болзингер со тринаесет одбрани. Полјакот Сипжак со осум и Египќанецот Јахиа со четири гола се издвоија кај Пари Сен Жермен.