Непосакуван проблем за Милано, Борозан се повреди за Црна Гора

Актуелниот селектор на Аргентина, Гиљермо Милано, наскоро ќе биде претставен за нов тренер на Вардар 1961, а неговата ера во најтрофејниот македонски ракометен колектив најверојатно ќе започне без услугите на еден од најискусните ракометари во ростерот.

Повратникот во „црвено-црниот“ дрес, Вуко Борозан, се здоби со повреда на натпреварот на неговата Црна Гора против Финска и поради тоа отпадна од списокот на патници на „лавовите“ за Словачка. Борозан на средбата со Финска го повреди коленото. 

Искусниот бек се очекува да се врати во Скопје, каде сигурно ќе изврши дополнителни прегледи, по кои ќе се знае сериозноста на неговата повреда. 

Црногорските ракометари во недела ги продолжуваат квалификациите за Европското првенство, а на отворањето славеа над Финска со 37-32.