Нема повеќе непоразени во ЛШ, Елверум на гости го среди ПИК Сегед

Ракометарите на Елверум уште еднаш покажаа дека групата А во Лигата на шампионите во која игра и Вардар ќе биде исклучително интересна. Норвежаните дојдоа до прва победа оваа сезона, на гостувањето кај ПИК Сегед со 30-34, па по четири кола повеќе нема непоразени екипи во елитата. 

Домашниот колектив поведе само на стартот, ама Елверум бргу ја презеде работата во свои раце. Иако играа добро и во неколку наврати поведуваа со по три гола, гостите не успеваа да ја задржат предноста, па Сегед се враќаше до егал. Сепак, по последното израмнување (15-15), Елверум со серија од 0-4 го затвори првиот дел и со водство замина на пауза. 

ПИК Сегед се обиде да се врати, пријде на два гола негатива ама немаше сили за повеќе. Бргу и лесно летвичката се помести, па Елверум водеше и со пет гола предност. До крајот во отворен дуел, Унгарците се обидуваа да се вратат, но Норвежаните го затворија дуелот.

Дефинитивно најдобар играч на дуелот беше голманот Имсгард кај Елверум, кој со 17 интервенции го трасираше патот до победата. Одлична партија имаше и Грондал кој даде девет погодоци, додека шест постигна Мате, а толку имаше и Бенсе Банхиди кај ПИК Сегед.