Нема попуст за никој во Штип: Текстилец убедлив против Младост

Ракометарите на Текстилец забележаа убедлива победа на дуелот од 15. коло во Првата лига против Младост Богданци, 29-22. По почетините 1-1 и 2-2, домашните се одлепија на пет голови разлика, 7-2.

Потоа предноста се движеше од 4 до 6 голови, а на пауза се замина со 17-11. Веќе на стартот на вториот дел водството се искачи на плус 10, 21-11 и немаше дилеми кој ќе биде победникот на овој дуел, па до крајот само се бележеа головите за конечни 29-22.

Најдобар стрелец во победничкиот тим беше Дарио Јорданов со осум голови, додека Филип Хаџи Николов даде пет, а кај гостите од Богданци се истакнаа ветеранот Ристо Узунчев со осум погодоци, додека Мите Караиванов и Живко Тачевски беа стрелци по четири пати.