Нема лесен противник, Вардар го очекува „пеколна“ групна фаза

Македонскиот гигант Вардар ќе биде единствениот претставник на нашата држава во овогодишното издание на Лигата на шампионите.

Како актуелен европски првак, „црвено-црниот“ тим влегува во новата сезона, која сите очекуваат да биде исклучително тешка за Стевче Алушовски и неговите избраници. Подготовките само најавија колку овој „шарен“ Вардар ќе има проблеми во европската елита.

Ждрепката во Виена посака вардарци да играат во Групата А заедно со ПСЖ, Порто, Киелце, ПИК Сегед, Елверум, Флензбург и Мешков Брест. Ако сака да обезбеди нокаут фаза, двократниот европски шампион ќе мора да се избори за пласман во првите шест места, кои даваат шанса за настап во вториот дел од сезоната.

Новата сезона вардаровите ракометари ќе ја отворат со гостување кај Мешков Брест кој можеби е најпознатиот противник од сите ривали. Белорускиот шампион настапува во СЕХА лигата, што значи дека дуелите со македонскиот клуб не се новитет. Домашните настапи Вардар ќе ги отвори против Елверум кој ќе биде еден од аутсајдерите во групата, па бодовите од овие соочувања ќе бидат од исклучително важење.

Третото коло носи гостински меч кај ПИК Сегед, кој ќе важи за фаворит против Вардар. Идентичен ќе биде случајот со Флензбург, ПСЖ и Киелце, а Порто ќе биде уште еден од конкурентите против кои Алушовски ќе нема право на грешка, ако сака да има шанса за нокаут фаза. Ланските соочувања со португалскиот првак донесоа по една победа за секоја екипа. Тоа доволно кажува за изедначеноста во квалитет.

Вардар важи за аутсајдер и тоа не е тајна за јавноста. Големите кадарни промени, заминувањата на големите ѕвезди и проблемите со кои се соочи тимот во тековната година се причина никој да не верува во ново изненадување екипата од СЦ „Јане Сандански“. Пласманот во подоцнежниот дел од натпреварувањето ќе се смета голем успех, а поголеми успеси ќе се бараат во македонското првенство и СЕХА регионалната лига.